Италијанскиот гигант Милан веќе неколку сезони е подзаспан и бележи далеку од посакувани резултати, но со доаѓањето на кинеските милиони тоа треба да се смени, а дека доста се работи на случајот говорат информациите кои доаѓаат од Апенините и светот.

Веќе скоро сигурно е дека се обезбедени услугите на дефанзивците Матео Мусачио и Рикардо Родригез, истото важи и со 20-годишниот интернациoналец од Брегот на Слоновата Коска Франк Кеси, додека пак „бомбата“ допрва следи и тоа е Алваро Мората.

Имено „Газета Дело Спорт“ посочува оти Шпанецот дал зелено светло за ваков трансфер не сакајќи повеќе да ги чека Челси и Манчестер Јунајтед. Тој дури ја договорил и годишната плата која би изнесувала 7,5 милиони евра и сега останува само Милан да ја среди работата околу оштета на напаѓачот. 

Се споменува цифра од 60 милиони евра, но тоа се чини нема да биде проблем за составот од Милано. 

Сезонава Мората во Ла Лига постигна 15 гола и запиша 4 асистенции, ама не беше во прв план кај тренерот Зинедин Зидан.

Жозе Мурињо не отстапи од својата претпазлива тактика и во финалето против Ајакс во Лига Европа, па користејќи го квалитетот на своите брзи фудбалери преку контра напади му зададе два тешки удари на холандскиот фудбалски гигант кој едноставно беше недораснат за еден натпревар од ваков карактер.

Манчестер Јунајтед со рутински 2:0 успеа да победи во големото финале кое вечерва се одигра во Стокхолм, триумф со кој покрај тоа што успеа да си обезбеди пласман во Лигата на шампионите наредната сезона, го завери и првиот билет за Скопје по повод европскиот Суперкуп кој ќе се одигра на „Телеком арена“ во месец август.

Пол Погба со доста голема среќа го отвори резултатот во 18-та минута од мечот, а патот до посакуваниот трофеј во најмасовното европско натпреварување го трасираше Хенрик Мхитаријан на самиот старт на вториот дел со одлична реакција во шеснаесетникот.

За „ѓаволите“ ова е трет трофеј оваа сезона по титулите во Комјунити Шилд и ЕФЛ купот, достигнување со која се затвора доста променливата сезона во која сепак Мурињо успеа да ја остварри првичната и најважна цел, пласман во Лигата на шампионите.

 

Фенербахче убедливо стигна до својата прва титула во Евролигата откако во финалето на фајнл форот во Истанбул го совлада Олимпијакос со 80:64.

За Перо Антиќ ова е веќе трет трофеј во Евролигата по двата триумфа токму со денешниот противник Олимпијакос во 2012 и 2013 година. Македонскиот центар вечерва помина нешто над осум минути на паркетот и реализираше 4 поени, од кои една тројка во финишот со која ја завери победата на Фенербахче. Веќе во медиумите почнаа пишувањата на сметка на Перо Антиќ дека ако некој клуб сака да ја освои европската кошаркарска титула, потребно е во своите редови да го има ,,среќниот” Антиќ.

Мартовските пишувања околу шпекулациите пред дека Антиќ по завршувањето на сезоната, би се вратил во Олимпијакос каде што е добредојден и каде што има успешна историја, по се изгледа паднаа во вода. Тој е човекот којшто му помогна на Олимпијакос да стигне до две европски титули едно по друго во 2012 и 2013 година, како и да победи во домашниот шампионат во 2012 година. 

Меѓутоа, сега е време на прослава за освоената титула, а каде Антиќ ќе продолжи,ќе се знае евентуално во месец јуни кога ќе почнат трансферите и комбинациите на тимовите кои ќе настапуваат во Евролигата.

Гонзало Игуаин за првпат ја освои шампионската титула во италијанското првенство и реши на необичен начин да ја прослави.

Немаше да биде ништо чудно, тоа што го направи, меѓутоа моментот кога го прави беше фатен на дело со фотографија и споделен на социјалните мрежи како се бакнува во уста со својот соиграч Паоло Дибала. Дали на повидок е геј врска во Јувентус или само мала шега останува да видиме.Меѓутоа, бидејќи коментарите отидоа предалеку, нивните соиграчи прокоментираа дека тоа е дел од шегите кои Игуаин ги прави во соблекувалната на Јувентус и тоа постојано.

Легендарниот капитен на Рома, Франческо Тоти идниот викенд за последен пат ќе настапи за римскиот клуб.

40-годишниот Тоти на дуелот против Џенова ќе се збогува со клубот каде што ја помина целата своја кариера. Дека Франческо Тоти е почитуван во цела Италија, докажува и пораката на неговите вечни непријатели, кои барем накратко заборавија на големото ривалство и го поздравија капитенот на Рома.

На вчерашниот натпревар помеѓу Лацио и Интер, најверните навивачи на Лацио истакнаа транспарент на кој што пишуваше: „Вечните непријатели го поздравуваат Франческо Тоти“.

Повеќе од две години фудбалската школа на Рудар Јуниор од Пробиштип е дел од Вардаровото семејство. Оваа школа со свои генерации редовно се натпреварува во Вардар Јуниор Лигата кога се одржува на источниот крај од Република Македонија. Основач на школата е Ивица Глигоровски, проверено фудбалско име кое што настапуваше низ многу прволигаши низ земјава, а воедно беше дел и од сениорскиот тим на Вардар во својата играчка кариера. Тој го пренесува искуството од фактот што Рудар е дел од Вардар и како тоа се одразува врз младите фудбалски таленти.

-Фудбалската школа Рудар Јуниор функционира веќе пет години, а втора година сме дел од Вардар, и многу ми е мило што сме дел од таков фудбалски бренд. Вардар Јуниор Лигата функционира безпрекорно, има квалитетни турнири, квалитетни натпревари и ќе кажам дека тоа треба да придонесе за подобра иднина на младите таленти. Ние настапуваме таму со генерациите 2004, 2006 и 2008, а во нашата школа имаме генерации од 1999 до 2011 година. Школата брои некаде околу 110 членови, вели Глигоровски.

И кај дечињата и кај родителите има позитивни мислења што фудбалската школа Рудар е дел од „црвено-црното“ семејство.

-И родителите се среќни што нивните дечиња имаат можност да играат во Вардар Јуниор Лигата, натпреварување во кое го подигнуваат натпреварувачкиот дух. Се надеваме дека соработката ќе продолжи и понатаму, и сите тие деца сонуваат еден ден да бидат дел од Вардар, да бидат големи фудбалери и да станат репрезенти на Македонија. Мислам дека сме на добар пат, работиме секојдневно, само така да продолжиме и верувам дека дечињата ќе го исполнат својот сон во иднина, рече Глигоровски кој што работи и како тренер во фудбалската школа заедно со Мартин Трајков.

Пелистер чекаше 16 години и дочека, трофејот од Купот на Македонија повторно ќе се пресели во Битола. Апсолутно заслужено, откако „пелистерци“ денеска во Струмица ја добија тактичката битка со Шкендија, ја препуштија половината на теренот, но затоа многу полесно создаваа шанси од тетовските „црвено-црни“.

Ниту по 120 минути игра резултатот не беше отворен, но битолските фудбалери беа со поладни глави и подебели нерви кога беше најважно, па на крајот ја симнаа Шкендија од тронот во ова натпреварување, оставајќи го тетовскиот состав без трофеј сезонава.

Купот пак е „зелен“, Битола има што да слави, но и да очекува уште подобри времиња за Пелистер во сезоните што следат.

Шампионската титула од втората сезона на Вардар Јуниор лигата во генерацијата 2002/03 во женска категорија ја освои Шампион Вардар. Ова е второ злато за девојките во 2017 година, откако во јануари беа победници и на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" во организација на Ракометната академија Вардар. И во двете финалиња се бореа со истиот противник – Делчево Вардар. 

Шампион Вардар беа и единствената екипа која успеа да извојува победа против Делчево Вардар и во регуларниот дел од натпреварите од лигата. Можеби затоа со особен интерес се следеше и дали Делчево Вардар ќе успее по двата пораза, во финалето од лигата да му се реваншира на Шампион Вардар.

За тајната за успехот на шампионките, поразговаравме со нивниот тренер Лина Треноска, поранешен ракометен голман. Нашиот впечаток беше дека главниот адут на екипата во финалето е поврзан со нејзиното искуството на ракометниот терен.

Победивте со гол во последната минута, и потоа го спречивте Делчево Вардар да се реваншира за финалето од зимскиот турнир. Очекувавте ли дека по втор пат ќе ги победите во финале?

Многу сум горда на моите девојки. Работиме заедно една година и се подготвувавме за овој натпревар. Ова беше тежок натпревар, зашто со Делчево Вардар сме речиси изедначени. Секогаш во нашите дуели победуваат нијансите, но на крајот од натпреварите ние секогаш излегуваме победници. Бевме повеќе смирени, не брзавме во нападот. Девојчињата изгинаа на теренот, се дадоа максимално и цела година работевме за ова. Успеаја и турнирот да го освојат. Беа многу мотивирани, решени да ја освоиме двојната круна. На полуфиналниот натпревар имаа тежок меч, особено на почетокот од натпреварот иако потоа успеавме да се одвоиме. Ова се млади девојки, и успеаја да се одморат за финалето да дадат максимум. Ќе повторам дека беа многу мотивирани. Им честитам уште еднаш и ова е огромен успех.

Која е тајната, или начинот да се стане двоен шампион кога играте со рамноправен противник?

Одбраната е нашата тајна. На нашиот тим нападот ни е малку послаба страна, но имаме добра одбрана. А, кога имаш добра одбрана, и нападот си доаѓа сам по себе. Значи одбраната го доби натпреварот. При крајот од натпреварот направив измена и на голманката, и таа ја одбрани последната топка во напад.

Може ли да очекуваме дека и во третата сезона ќе ги гледаме овие девојчиња во Вардар Јуниор лигата?

Следната сезона се враќам со истава генерација 2002/03 девојки и евентуално со 2004/05. Имаме малку девојчиња, но се надевам дека од септември на уписот ќе имаме поголем интерес. Во РК Шампион работиме повеќе тренери и сме поделени според генерациите што ги водиме, си помагаме, и веќе размилсуваме и за следната сезона.

Дали сте задоволни од можностите кои ги дава Вардар Јуниор лигата за развој на млaдите ракометaрки?

Организацијата годинава беше одлична. Не е поентата само да тренираш и да немаш натпревари. Огромна придобивка е што постои лига за децата на оваа возраст да покажат колку знаат и колку напреднале. За нас како тренери натпреварите се многу важни, и самоиницијативно барем еднаш неделно им организираме и пријателски натпревари со други школи кои се дел од Академијата. Тоа е се тимови кои се генерациски постари од нас, но така се учи и така се напредува. Имаме одлична соработка со школите.

Очекувате ли од овие генерации да излезат идни репрезентативци?

Можно е. Девојките се многу пожртвувани, и со повеќе работа и со залагање, можно е. Ние тренираме во населбата Карпош, а овие девојчиња доаѓаат од подалечни населби Лисиче, Хиподром, Аеродром. Значи минуваат низ цело Скопје за да стигнат на време на тренинг. Многу голема сатисфакција е и за мене што ме ценат како тренер и доаѓаат од толку далеку. Од следната сезона планираме и повеќе тренинзи зашто тоа е потребно за победи. А, децата се пресреќни кога освојуваме турнири.

Девојките од Ново Лисиче Вардар, шампионите во женска категорија во генерацијата 2004/05 се одличен пример како децата се развиваат и ја унапредуваат ракометната игра и вештините во текот на натпреварувачката сезона во Вардар Јуниор лигата. На среќата и немаше крај по победата во финалето, а патот до тука, според нивниот тренер Марија Аврамовска бил напорен и со многу работа, а ова е прво злато по три освоени бронзи.

Девојчињата уште од почетокот покажаа дека се сериозен конкурент, но, во текот на годината не успеваа да се наметнат над силната конкуренција во нивната група. На зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" во јануари годинава го освоија третото место, но овој пат во финалето го победија тогашниот шампион Кале Вардар од Кичево.

Имате одлична екипа, пожртвувани девојки кои во текот на годината ги видовме како напредуваа. Во континуитет сте меѓу најдобрите, но оваа сезона од лигата сте најдобри во генерацијата 2004/2005. Какво е чувството сега?

-Чувството е прекрасно. Три пати по ред освојувавме бронза и заслужено стигнавме до златото. Многу работевме. Во текот на целата година вложивме напор и многу труд. Оваа година решивме дека во Вардар Јуниор лига одиме на злато и со девојките работевме по пет часа неделно, односно имавме дополнителни термини. Заедно, сплотени со сите девојчиња успеавме.

Колку години работи вашата ракометна школа, и колку години ги подготвувавте девојчињата за успехот?

-Ракометната школа работи пет години и заедно ја водиме со Анжела Платон. Со оваа група девојчиња работиме веќе три – четири години во континуитет. Се посветија на тренингот, како и натпреварите и резултатите се гледаат. Научија зашто сакаат да научат. Многу нѐ слушаа, ги примаа советите, а и борбеноста помогна. Кондиционите тренинзи помогнаа. За секој натпревар се договаравме и се подготвувавме посебно, како ќе играме одбрана и напад, како ќе се движиме, и ротиравме со сите деца. Влегоа на терен сите деца, и оние кои беа резерва на клупа и сите несебично се дадоа. Некако одевме заедно на тоа прво место.

Имате ли планови за следната година?

-Во јули имаме припреми, а од септември повторно се враќаме во Вардар Јуниор лигата. Се надевам дека жарот ќе продолжи да ја одбраниме титулата.

Со кои генерации се враќате следната година во лигата?

-Со 2006/07 и 2004/05 година, додека со 2002/03 завршивме на петтото место годинава. Дел од девојките кои настапуваа со таа генерација беа од 2004/05, но фокусот ни беше да дадеме максимум во 2004/05 и бевме концентрирани на успех со оваа генерација.

Задоволни ли сте од организацијата на Вардар Јуниор лигата?

-Со секоја помината година расте и искуството во организацијата. Сѐ помина како што треба, децата се задоволни, родителите, како и ние тренерите. Спортот е борба, секогаш да се биде најдобар. Годинава сме ние, но сите секогаш се бориме за подобри резултати. 

Мал Ајакс од Штип веќе две години е во соработка со Вардар. Во штипскиот тим тренираат шест генерации или околу 110 деца кои што секојдневно ги исполнуваат обврските, и посакуваат еден ден да бидат дел од Вардар. Клубот е тука да ги извади на вистинскиот пат, а поддршката од Вардар и учеството во Вардар Јуниор Лигата носат дополнителни мотиви на младите фудбалски таленти.

Разговараме со тренерот на оваа екипа Игор Шиндев кој што посакува штипскиот клуб да даде што повеќе таленти кои што ќе бидат идни добри фудбалери.

„Соработката со Вардар почна пред две години, и засега се оди според планот. Децата се радуваат кога ќе играат во Вардар Јуниор Лигата, и сите се борат за понатаму да бидат дел од Вардар. Клубот Мал Ајакс веќе даде две дечиња во Вардар, и тоа еден голман и еден играч кои што се од генерацијата 2006 година, и на некој начин тоа претставува мотив и за другите деца. Тие се полни со „елан“ да се докажат и еден ден да бидат дел од Вардар. Има многу талентирани играчи кои што верувам дека ќе станат идни добри фудбалери“, вели Шиндев.

Овој тренер на екипата од Штип потенцира дека учеството во Вардар Јуниор Лигата носи голем бенефит.

„Секој сака да биде дел од Вардар, а ние тренерите сакаме да ги изведеме овие млади таленти на вистински пат. Сигурно дека би бил горд кога во иднина ќе видиме како дел од играчите кои ги тренираме ќе станат играчи и со успех ќе играат за Вардар и за македонската репрезентација. Рано е да се зборува за тоа, меѓутоа ние секојдневно работиме за да се надоградуваат и да ги научат фудбалските вештини“, рече Шиндев.

Фудбалската школа Мал Ајакс поседува шест генерации и стотина дечиња кои што посакуваат да ја исполнат својата желба. 

„Нашиот клуб има шест генерации и брои повеќе од 110 дечиња кои што се радуваат на секој тренинг и на секој настап. Мислам дека сме на вистинскиот пат и ќе продолжиме да работиме за еден ден овие деца го исполнат својот сон и играат за Вардар“, вели Шиндев.  

 

Top