Вардар се сели од Филип Втори поради превисоката цена, a Арената ќе зјае празна

Фудбалскиот шампион на Македонија ФК Вардар ги откажа настапите на Националната Арена „Филип Втори“ и натпреварите од домашното првенство како домаќин ќе ги игра на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари. На ваков чекор „црвено-црните„ се решаваат на високите цени за изнајмување. Дуелот од 6.коло од Првата лига со Ренова во среда (20.септември) Вардар ќе го игра токму на стадионот во Маџари.

За натпревар од домашната лига и куп дневен термин изнесува 3.000 евра со ДДВ, додека ноќниот термин е двојно поскап.

Од Вардар претходната недела на прес конференција реагираа и за високите цени и за европските натпревари, но дуелите од Лига Европа на УЕФА мора да ги играат на „Арената“ од причина што само тој стадион ги исполнува строгите норми на УЕФА.

Капитенот на Вардар, Бобан Грнчаров јавно го кажа своето мислење за решението на клубот да ги игра натпреварите на стадионот во Маџари. 

„Дали ваков гигант како што е Вардар заслужува да игра на вакви селски стадиони. Во Маџари... во Автокоманда... во Ѓорче Петров.. Вардар само на „Градски““

Покрај Вардар домашните натпревари надвор од „Филип Втори“ ќе ги игра и екипата на Работнички, која како домаќин ќе го користи стадионот во Ѓорче Петров.

Во меѓувреме, Арената за која државата потроши сериозна сума на пари ќе зјае празна, а македонските прволигаши ќе “кршат нозе“ на стадионите низ Македонија од кои, поголемиот дел не ги задоволуваат ниту најниските стандарди на УЕФА.

Top