Конечно се оствари сонот на многу генерации: Вардар – Зенит на Националната Арена „Филип Втори“

Конечно се оствари сонот на многу генерации. Вардар ова лето направи историја, и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа.

Во Скопје имаме можност да гледаме европски натпревари. Националната Арена „Филип Втори“ е местото кое што ќе биде во центарот на вниманието во следните месеци во кои што нашиот тим ќе ги игра своите натпревари во Лигата на Европа.

Првиот дуел е веќе во четврток кога во нашиот главен град гостува рускиот тим Зенит Санкт Петербург.

На пет дена пред почетокот на натпреварот, Фудбалскиот клуб Вардар ќе информира за сите детали околу мечот, за процедурите за влегување на стадионот, ќе апелира за фер, коректно и спортско однесување на гледачите со оглед дека натпреварите во групната фаза бараат многу внимание.

Бидејќи се работи за меч од групната фаза од Лигата на Европа, целокупната организација ќе биде на највисоко ниво, согласно строгите барања и пропозиции на УЕФА. Сите ќе мора да ги почитуваат правилата на однесување како надвор, така и на стадионот, пред и за време и по одигрувањето на натпреварите.

Фудбалскиот клуб Вардар ја информира јавноста дека вратите за влегување на стадионот ќе бидат отворени во 18:30 часот. Апелираме да дојдете порано на стадион, да го завземете своето место означено на вашиот билет. Да не носите цврсти предмети на стадионот, запалки и други работи кои ќе ви бидат одземени уште пред да влезете на Националната Арена „Филип Втори“. Пушењето ќе биде забрането на сите места на стадионот.

Ве потсетуваме дека во тек е продажба на блок билети за сите домашни натпревари од Лигата на Европа. Истата ќе трае до недела, а од понеделник почнува продажбата на индивидуални влезници, само за натпреварот со Зенит Санкт Петербург. Купете влезница и дојдете, заедно да ја пишуваме историјата.

Сите информации околу влезниците, местата на нивна продажба, на следниот ЛИНК.

Top