Квалификацискиот меч во Софија меѓу Бугарија и Англија се претвори во вистински циркус

Квалификацискиот меч во Софија меѓу Бугарија и Англија се претвори во вистински циркус, или поточно ни понуди расистички скандал од огромни размери, поради што англиските фудбалери и јавноста од оваа земја останаа згрозени.

Бугарските фанови не престануваа со расистичките скандирања и поради негодување на гостинските играчи, натпреварот во два наврати беше прекинат, нешто што сигурно ќе предизвика ригорозна реакција од страна на УЕФА која веќе затвори дел од стадионот „Васил Левски“ поради идентичен прекршок.

Англиските фудбалери не криеја дека се згрозени од однесувањето на домашната публика, а иако потенцираа дека пронајдоа добра утеха во понижувачката победа од 0:6, интересна изјава имаше Маркус Рашфорд кој одлучи да го истакне гестот на капитенот на Бугарија.

Ивелин Попов собра храброст да им се спротивстави на несовесните навивачи и на полувремето се соочи со истите и побара да прекинат со глупостите, а овој потег не заборави да го потенцира младиот играч на Јунајтед по мечот.

– Не беше лесно да се игра во вакви услови, ова не треба да се случува во 2019-та година. Горд сум што го надминавме сето тоа и што ги освоивме бодовите со убедлива победа. Англиската поддршка беше брилијантна. Исто така, ми беше кажано и потоа видов што направил бугарскиот капитен на полувремето. Да седиш сам во таква толпа и да бидеш единствен со такво мислење, треба да имаш голема храброст, а таков акт не смее да остане незабележан од нас. Тоа е за почит, – порача Рашфорд.

Top