Икер Касиљас доживеал срцев удар - Итно префрлен во болница каде бил опериран

Славниот шпански голман Икер Касиљас утрово доживеал срцев удар, пренесуваат португалските медиуми. Касиљас почувствувал болка на тренингот во Порто и итно бил префрлен во болница каде било констатирано дека претрпел миокарден инфаркт.

Според првичните информации, животот на голманот не е во опасност, но нема да настапува за Порто до крајот на сезоната. 

Икер Касиљас има 37 години, а стана славен како голман на Реал Мадрид за кој настапуваше од 1999-2015 година. Со тимот на Реал освои сè што можеше да се освои: пет титули Прваци на Шпанија, четири суперкупа, три титули во Лига на шампиони, два Европски суперкупа и многу други.

Со репрезентацијата на Шпанија има две шампионски титули во Европа (2008 и 2012) и една титула на светски првак (2010). Рекордер е во Шпанија со изиграни 167 натпревари во националниот дрес. Од 2015 година го носи дресот на Порто, со кој оваа сезона го продолжи договорот на уште една година, со опција истиот да биде и понатаму продолжен. 

Касиљас е во брак со спортската новинарка Сара Карбонеро со која има две деца – петгодишниот Мартин и двегодишниот Лукас.

Top