Суперкласико ќе се игра во Европа: Легендарен стадион ќе биде домаќин на големото финале меѓу Ривер и Бока

Возвратната пресметка меѓу Ривер Плата и Бока Јуниорс во големото финале во Копа Либертадорес се претвори во вистинска агонија, бидејќи натпреварот беше во два наврати одложен и презакажан изминатиов викенд, пред официјално да биде поместен на неодредено време.

Причина за тоа беа жестоките инциденти кои настанаа при пристигнувањето на автобусот на Бока Јуниорс на стадионот „Монументал“, хаос по кој одговорните луѓе одлучија дека атмосферата не дозволува да се одигра ваков натпревар од висок ризик.

Поради тоа, пред два дена КОНМЕБОЛ и официјално соопшти дека големото финале нема да се одигра во Аргентина, а денеска пристигнаа ексклузивни информации дека Суперкласико дербито ќе се игра во Шпанија. Иако до денес во прв план беше Катар, сега на сила доби една друга информација, откако КОНМЕБОЛ го прифатил предлогот на ФИФА.

Светската куќа на фудбалот предложила големото финале да се игра на европско тло, односно на стадионот на Реал Мадрид, „Сантијаго Бернабеу“. Планот е натпреварот да се одигра во недела на 9 декември, а сега само се чека официјална потврда на ваквото сценарио.