Дали гледањето во екран од најрана возраст може да предизвика аутизам?

Француските педијатри и психолози излегоа пред јавноста со алармантни податоци за поврзаноста меѓу определени нарушувања слични на аутизам со времето што децата го поминуваат пред екрани од разни уреди. Уште во 2009 година Француската управа за јавно здравје објави препорака дека на децата помлади од три години не треба да им се дозволува да поминуваат време пред екрани од кој било вид. Француската академија во 2013 година објави студија која се најде на удар на тешки критики. Имено, оваа студија тврдеше дека тактилните таблети се корисни за развојот на сетилата и моториката. Сепак, најголема тревога во француската јавност предизвика текстот објавен во парискиот „Монд“, кој почнува на следниот начин:

„Ние, стручните лица кои работиме во областа детско здравство, сакаме да ја предупредиме јавноста на опасните последици од масовното и прерано изложување на бебињата и малите деца пред секакви видови екрани: пред паметни телефони, таблети, компјутери, телевизори или конзоли за игри“. Потписниците на овој текст се лекари, психолози и ортофоничари (експерти за говор), а сите предупредуваат дека и натаму се поставуваат дијагнози за аутистички нарушувања кај децата без притоа да се испита дали и колку време децата и родителите поминуваат пред некакви екрани.

„Вниманието на децата комплетно е насочено кон екраните. Во такви услови, родителите и децата не разменуваат доволно погледи меѓусебно и не можат да изградат меѓусебен однос“, пишува во текстот.

Тие предупредуваат дека поради тоа, мозокот на децата не може нормално да се развива, затоа што е прекинато истражувањето на предметите што го опкружуваат. Поради екранот, кој му го „впива“ вниманието, детето е принудено да се откаже од своите истражувања и испитувања на околината, што е доволно за да настане доцнење во развојот на говорот и во општиот развој на детето.

Децата кои поради својата опседнатост со екраните доцнат со говорниот развој до својата четврта година, обично не реагираат кога некој ги повикува по име. Не можат да гледаат во лицето на тој што им се обраќа, ниту во предметот што им се покажува, туку само можат да гледаат во екраните. Не можат да комуницираат со околината, ниту со другите деца.

Зошто влијанието на екранот врз децата е толку страшно? Француските лекари се повикуваат на истражувањето на Американецот Едвард Троник, кое покажа дека слични нарушувања настануваат кај бебиња на кои им се покажува кукла со безизразно лице („мртво лице“) наместо мајчиното. Детето што гледа во екран наместо во лицето на мајката не може да разменува погледи со неа, да ги идентификува нејзиниот глас и нејзините движења, не може да стекне свест за себе, ниту да развие говор. Линда Пагани, професор за психоедукација на Универзитетот во Монтреал, во текот на повеќе децении го истражувала влијанието на ТВ-екраните врз децата и дошла до заклучок дека тие значително го намалуваат капацитетот на децата, ја намалуваат нивната активност на училиште и способноста да решаваат математички проблеми.

Списанието „Сајантифик рипорт“ објави истражување на стручни лица од Лондонскиот универзитет кое покажува дека изложувањето на тактилни екрани кај деца на возраст од шест месеци до три години предизвикува намалување на квалитетот на сонот. Со самото тоа се нанесува штета на формирањето на мозокот и на невронските врски, кои се градат додека детето спие.

И додека стручните лица и политичарите се премислуваат, во Силиконската долина директорот на „Гугл“ и неговите милионери не кријат дека на своите деца не им дозволуваат пристап до екрани! Тие сметаат дека децата наместо да допираат екрани, треба да допираат вистински миленичиња, боси да трчаат по трева, да слушнат како шушкаат лисјата, како пее петелот, какви звуци прави магарето. За да се разбере значењето на сите такви активности, не е неопходно да се биде експерт или доктор на науки.

Превенција во четири чекори

Психологот Сабин Дифло објави програма за превенција „во четири чекори“: да не се  вклучуваат екраните наутро, за време на оброк, во детската соба, ниту пред спиење. Таа заедно со уште девет лекари и психолози го потпишаа текстот објавен во „Монд“, по што здравствените власти прифатиле да покренат кампања на државно ниво. До сите лекари и педијатри ќе биде испратена директива според која тие ќе имаат обврска при прегледите на децата да им поставуваат и прашања за екраните во нивните домови. Експертите сметаат дека тоа може да им помогне на родителите да станат посвесни за опасноста што ја носи претераното изложување на малите деца пред екрани.