Русите ја загубија битката за Јадранот - Сега Американците го сакаат целиот Балкан!

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја посети Подгорица каде што присуствуваше на Јадранскиот самит. На самитот каде што Пенс беше главна ѕвезда, присуствуваа сите регионални лидери, а ко-домаќин беше македонскиот премиер Зоран Заев.

Со влегувањето на Црна Гора во НАТО, половина од земјите од поранешна Југославија сега се дел од Алијансата - Словенија, Хрватска и Црна Гора, додека пак втората половина во која што покрај Србија и Босна и Херцеговина, спаѓа и Македонија - чека на влез во Алијаната, или се уште нема јасно дефинирана позиција (Србија).

Стратешки гледано, иако секоја нова земја членка е важна, на НАТО најмногу им се брзаше околу влезот на Црна Гора. Имено, влегувањето на Црна Гора беше од клучна важност за НАТО Алијансата, затоа што со тој потег се затвора Јадранското море, а доминацијата на НАТО станува целосна на ова подрачје.

Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Италија - тоа се земјите кои што излегуваат на Јадранското море и истовремено се членки на НАТО (со исклучок на пристаништето на БиХ, Неум).

Иако Црна Гора е најмала од овие земји, сепак имаше огромно значење за НАТО, затоа што доколку Алијансата не ја ставеше во својата сфера на влијание, проектот околу доминацијата на Јадранот ќе беше загрозен. Се разбира, тоа се обидуваше да го искористи Русија, но очигледно руската надворешна политика доживеа голем пораз, иако станува збор за земја од 680 илјади жители и 2 илјади војници.

 

Безуспешниот воен удар организиран од Русите

Дали Русија се обидуваше да ја одврати Црна Гора од пристапувањето во НАТО? Секако. Притоа Русите се потпираа на длабоките поделби кои што постојат во Црна Гора - населението беше поделено околу членството во НАТО, односно српското малцинство (29%) очигледно беше против пристапувањето на Црна Гора во НАТО.

Црногорските власти ги обвинија „руските шпиони“ за организирање на државниот удар во Подгорица кој што беше неуспешен. Таквата можност не може да се отфрли затоа што факт е дека на Русите не им е мило што Црна Гора влегува во НАТО, посебно поради тоа што руските милионери вложија во премногу недвижнини кои што сега се на „територија на НАТО“.

Додека влезот на Словенија, а подоцна и Хрватска и Албанија во НАТО беше практично протоколарен чин, влезот на Црна Гора во НАТО беше проследен со големи тензии. Зошто? Затоа што судирот меѓу САД и Русија се почесто се префрла на Балканот. Тој факт сега може да го искористи нашата држава и набрзо да стане земја членка на НАТО Алијансата.

 

Русите, кои што чувствуваат дека САД пристигнува во нивното соседство, би сакале да го зголемат своето влијание на некои други места, по можност таму каде што американското влијание се уште не е силно. Црна Гора од таа перспектива беше идеална арена, но ако пристапувањето на оваа земја во НАТО е завршен чин, тогаш тоа е голема победа на САД, односно голем пораз за Русија.

Сепак, тука Американците нема да сопрат. Сега арената се префрла во средиштето на Балканот, поточно Босна и Херцеговина и Србија. Македонија не е во ова друштво, затоа што ставот на претходната и актуелната влада во Скопје е прилично јасен - Македонија сака да биде дел од НАТО и ЕУ, а Русија никогаш не покажала апсолутно никаков интерес за Македонија.

Тоа не е случај со Белград и Бања Лука, па Русите ќе се обидат да ја вовлечат Србија, а можеби и Босна и Херцеговина (Република Српска) во својата сфера на влијание. Поради тоа, американскиот потпретседател Мајк Пенс, од Подгорица порача дека Русија се обидува да го „дестабилизира“ Западниот Балкан и да го одвои од Западот, односно да го одвои од таму каде што му е местото.

 

Доналд Трамп, Хилари Клинтон, сеедно...

„Ние вистински веруваме дека иднината на Западниот Балкан е на Западот. Ќе потврдиме дека во интерес на САД е изградба на односи кои што ќе ги зајакнат врските на овие земји со европската заедница и САД“.

„Како што сите знаете, Русија продолжува со прекројувањето на меѓународните граници со користење на сила, а тука на Западниот Балкан, Русија работеше на дестабилизација на регионот, поткопување на демократијата и раздвојување на вас од остатокот на Европа“, изјави Мајк Пенс.

Со други зборови, анти-руската американска политичка елита не ја доби Хилари Клинтон, но затоа го доби Мајк Пенс кој што практично работи по шемата на Хилари. Пенс во Подгорица пристигна од Грузија, земја на Кавказот која со Русија водеше кратка војна во 2008-ма година, а пред тоа ја посети Естонија за да потврди дека Балтикот може да смета на САД и Американците ќе ги бранат своите сојузници од руска агресија.

 

Пенс продолжува таму каде што застана Хилари, битката за Јадранот е добиена, а сега тргнува новата битка за целиот Балкан. Кога се мисли на „целиот Балкан“, тука станува збор за Македонија, Босна и Херцеговина и Србија.

„Владата на РМ, со поддршка од граѓаните и од нашите меѓународни партнери го трасира патот на нашата држава кон НАТО.

Убедени дека Република Македонија ги заслужува евроатланските перспективи храбро влеговме во реформските процеси, се отворивме за интензивна соработка со соседите, покажавме одговорност кон меѓународната заедница дека сакаме и можеме да придонесуваме кон колективните процеси за стабилен и безбеден свет.

Тоа е препознаено. И со право очекувам Република Македонија да биде 30-тата земја членка на алијансата и ќе работиме за таа цел, заедно со граѓаните!“, порача македонскиот премиер Зоран Заев.

Прочитајте 39503 times