Русија и Турција - Сојуз кој има потенцијал да биде еден од најмоќните во светот
Несогласувањата се далеку зад Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган. Лидерите на Русија и Турција на Светскиот конгрес за енергетика во Истанбул потпишале неколку договори, и со тоа почнале со цементирање на добрите односи на своите земји.

Неполна година по рушењето на рускиот авион на турско-руската граница, наместо воени соопштенија и студени односи, соработката помеѓу Русија и Турција е подобра отколку пред инцидентот. Ова се само некои од договорите кои Путин и Ердоган ги печатирале.

Воена соработка

Размената на разузнавачки информации помеѓу Турција и Русија била една од темите на разговор на двајцата претседатели. Откако било откриено дека информацијата да се спречи пучот во Турција на Ердоган му била доставена од страна на руски разузнавачи, довербата пораснала. Кога станува збор за Сирија, и покрај тоа што имаат различни планови и интереси, Русија и Турција се договориле дека нема да си пречат едни на други во интервенциите, како и тоа дека редовно ќе разменуваат податоци за планирани акции за да не дојде до несреќни случаи.

Турскиот тек е жив

Иако била договорена воена соработка, најважниот проект секако е завршување на гасоводот Турски тек, кој ќе биде џиновска економска инекција за буџетите на двете земји. Договорот обезбедува изградба на две третини од гасоводот преку Црното море, со должина од 910 километри, додека делот преку Турција ќе биде долг 180 километри. Благодарение на Турскиот тек, гасот од Русија ќе се спроведува до Турција, од каде ќе биде дистрибуиран во земјите од ЕУ. Турција на овој начин ќе добива и поевтин гас од Русија.


Турската роба се враќа на рускиот пазар

По целосниот крах на односите по рушењето на "Сухојот", Русија на Турција ѝ вовела жестоки економски санкции, кои многу ја оштетиле економијата на таа земја. Потсетуваме, Москва забранила работење во Русија на сите туристички организации од Турција, како и на хотелите и останатите компании. Забраната се однесувала и на градежни работи, архитектура и дрвната индустрија. Претседателот Владимир Путин, револтиран од тогашниот став на Анкара, дури и ги повикал Русите да не одат на летување во Турција и така практично ја ускратил тамошната туристичка индустрија за барем три милиони посетители секоја година. Исто така, Русија тогаш забранила и увоз на турска облека, овошје и зеленчук. Проценките велат дека неколкумесечните санкции ја чинеле Турција речиси 10 милијарди евра. Сепак, по затоплувањето на односите, Русија и Турција повторно соработуваат во полна пареа, и тоа на сечие задоволство.


Сојуз кој има потенцијал да биде еден од најмоќните на светот

Русија и Турција се различни по многу работи. Од верата, преку стратешките интереси, до сојузниците...но имаат една заедничка карактеристика - прагматичност. Иако Турција е членка на НАТО, а Русија најголем противник на тој воен сојуз, тоа не ги спречува двете земји тесно да соработуваат и најавуваат уште подобри односи за во иднина. Исто така, двете држави во еден момент се чувствувале изолирани - Русија поради санкциите од Западот, а Турција поради слабата поддршка по пучот и осудата на светската заедница на сметка на претседателот Ердоган. Затоа нивното смирување и сојуз било очекуван и разбирлив епилог. Ги обединил анимозитетот кој го чувствуваат кон Вашингтон, посебно изразен кај Турција по одбивањето на САД да го депортираат Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за главен одговорен за пучот против Ердоган. Доколку продолжат со соработката, гледајќи на добрите односи кои двете земји ги имаат со Кина, создавање на моќен источен блок на виделина.

Прочитајте 39241 times
Top