КОЛУМНИ

КОЛУМНИ (5)

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја посети Подгорица каде што присуствуваше на Јадранскиот самит. На самитот каде што Пенс беше главна ѕвезда, присуствуваа сите регионални лидери, а ко-домаќин беше македонскиот премиер Зоран Заев.

Со влегувањето на Црна Гора во НАТО, половина од земјите од поранешна Југославија сега се дел од Алијансата - Словенија, Хрватска и Црна Гора, додека пак втората половина во која што покрај Србија и Босна и Херцеговина, спаѓа и Македонија - чека на влез во Алијаната, или се уште нема јасно дефинирана позиција (Србија).

Стратешки гледано, иако секоја нова земја членка е важна, на НАТО најмногу им се брзаше околу влезот на Црна Гора. Имено, влегувањето на Црна Гора беше од клучна важност за НАТО Алијансата, затоа што со тој потег се затвора Јадранското море, а доминацијата на НАТО станува целосна на ова подрачје.

Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Италија - тоа се земјите кои што излегуваат на Јадранското море и истовремено се членки на НАТО (со исклучок на пристаништето на БиХ, Неум).

Иако Црна Гора е најмала од овие земји, сепак имаше огромно значење за НАТО, затоа што доколку Алијансата не ја ставеше во својата сфера на влијание, проектот околу доминацијата на Јадранот ќе беше загрозен. Се разбира, тоа се обидуваше да го искористи Русија, но очигледно руската надворешна политика доживеа голем пораз, иако станува збор за земја од 680 илјади жители и 2 илјади војници.

 

Безуспешниот воен удар организиран од Русите

Дали Русија се обидуваше да ја одврати Црна Гора од пристапувањето во НАТО? Секако. Притоа Русите се потпираа на длабоките поделби кои што постојат во Црна Гора - населението беше поделено околу членството во НАТО, односно српското малцинство (29%) очигледно беше против пристапувањето на Црна Гора во НАТО.

Црногорските власти ги обвинија „руските шпиони“ за организирање на државниот удар во Подгорица кој што беше неуспешен. Таквата можност не може да се отфрли затоа што факт е дека на Русите не им е мило што Црна Гора влегува во НАТО, посебно поради тоа што руските милионери вложија во премногу недвижнини кои што сега се на „територија на НАТО“.

Додека влезот на Словенија, а подоцна и Хрватска и Албанија во НАТО беше практично протоколарен чин, влезот на Црна Гора во НАТО беше проследен со големи тензии. Зошто? Затоа што судирот меѓу САД и Русија се почесто се префрла на Балканот. Тој факт сега може да го искористи нашата држава и набрзо да стане земја членка на НАТО Алијансата.

 

Русите, кои што чувствуваат дека САД пристигнува во нивното соседство, би сакале да го зголемат своето влијание на некои други места, по можност таму каде што американското влијание се уште не е силно. Црна Гора од таа перспектива беше идеална арена, но ако пристапувањето на оваа земја во НАТО е завршен чин, тогаш тоа е голема победа на САД, односно голем пораз за Русија.

Сепак, тука Американците нема да сопрат. Сега арената се префрла во средиштето на Балканот, поточно Босна и Херцеговина и Србија. Македонија не е во ова друштво, затоа што ставот на претходната и актуелната влада во Скопје е прилично јасен - Македонија сака да биде дел од НАТО и ЕУ, а Русија никогаш не покажала апсолутно никаков интерес за Македонија.

Тоа не е случај со Белград и Бања Лука, па Русите ќе се обидат да ја вовлечат Србија, а можеби и Босна и Херцеговина (Република Српска) во својата сфера на влијание. Поради тоа, американскиот потпретседател Мајк Пенс, од Подгорица порача дека Русија се обидува да го „дестабилизира“ Западниот Балкан и да го одвои од Западот, односно да го одвои од таму каде што му е местото.

 

Доналд Трамп, Хилари Клинтон, сеедно...

„Ние вистински веруваме дека иднината на Западниот Балкан е на Западот. Ќе потврдиме дека во интерес на САД е изградба на односи кои што ќе ги зајакнат врските на овие земји со европската заедница и САД“.

„Како што сите знаете, Русија продолжува со прекројувањето на меѓународните граници со користење на сила, а тука на Западниот Балкан, Русија работеше на дестабилизација на регионот, поткопување на демократијата и раздвојување на вас од остатокот на Европа“, изјави Мајк Пенс.

Со други зборови, анти-руската американска политичка елита не ја доби Хилари Клинтон, но затоа го доби Мајк Пенс кој што практично работи по шемата на Хилари. Пенс во Подгорица пристигна од Грузија, земја на Кавказот која со Русија водеше кратка војна во 2008-ма година, а пред тоа ја посети Естонија за да потврди дека Балтикот може да смета на САД и Американците ќе ги бранат своите сојузници од руска агресија.

 

Пенс продолжува таму каде што застана Хилари, битката за Јадранот е добиена, а сега тргнува новата битка за целиот Балкан. Кога се мисли на „целиот Балкан“, тука станува збор за Македонија, Босна и Херцеговина и Србија.

„Владата на РМ, со поддршка од граѓаните и од нашите меѓународни партнери го трасира патот на нашата држава кон НАТО.

Убедени дека Република Македонија ги заслужува евроатланските перспективи храбро влеговме во реформските процеси, се отворивме за интензивна соработка со соседите, покажавме одговорност кон меѓународната заедница дека сакаме и можеме да придонесуваме кон колективните процеси за стабилен и безбеден свет.

Тоа е препознаено. И со право очекувам Република Македонија да биде 30-тата земја членка на алијансата и ќе работиме за таа цел, заедно со граѓаните!“, порача македонскиот премиер Зоран Заев.

Фразата „пресвртна точка“ се употребува премногу често, но се чини дека идните историчари токму така ќе ја опишуваат 2016 година. Најистакнатиот настан беше изненадувачката победа на Доналд Трамп. Поразот на Хилари Клинтон предизвика шок низ целиот свет. Мандатот на милијардерот во Белата куќа почнува на 20 јануари. Многумина ќе го наречат датумот „црн петок“ стравувајќи дека трампизмот може непоправливо да ѝ наштети на меѓународната безбедност, заштитата на животната средина и на човековите права. Други, пак, ќе го гледаат како знак на добредојдена промена. Тоа ќе биде година на опасно живеење.

Сепак, 2016 година беше посебна и по многу други работи – и добри и лоши. Борбата против Исламска држава во Сирија и во Ирак се засили, иако терористичките злосторства зедоа многу животи од Ница до Џакарта. Во Колумбија беше потпишан мировен договор, со што се стави крај на најдолготрајниот бунт во светот. Европската унија остана во конфузија откако Велика Британија гласаше да ја напушти. Парискиот договорот обележи важен чекор во борбата против климатските промени.

trump-obama

Избори и референдуми

Протекционистичкиот и изолационистички став на Трамп ја доведе во прашање неизбежноста од глобализацијата, што укажува на враќање на економскиот национализам, казнените тарифи, трговските пречки, контролата на движењето на работна сила и на капиталот, затворените пазари и умови што постоеле некогаш пред 1939 година.

Многумина се надеваат дека Трамп ќе заземе попрагматичен став. Но, тој ја доведе во прашање ефикасноста на меѓународните институции, како што се Обединетите нации, Светска банка и НАТО и фрли сомнеж врз клучните безбедносни сојузници во Азија. Трамп, исто така, предизвика загриженост за Парискиот договор за климатските промени од април.

Изразената поддршка на Трамп за еднострано војување, за авторитарно владеење, тортура, неопределен притвор без судење и за верско и расно профилирање на имигрантите и на бегалците, доколку биде реализирана, би ја уништила универзалната заштита на правните и човекови права создадена преку системот на Обединетите нации од 1945 година.

Првиот светски лидер со кого Трамп разговараше по победата беше лидерот на воениот удар во Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, што даде застрашувачки увид во неговите приоритети.

Тесниот референдум на кој Велика Британија гласаше да ја напушти ЕУ беше сосема неочекуван. Многумина повлекоа паралели со САД велејќи дека врз таа одлука имале влијание слични националистички и популистички сили, поткрепени од гневот дека глобализацијата и придружната имиграција го поткопуваат начинот на живот на нископлатените работници.

Според временската рамка на британската влада, „Брегзит“ ќе почне во март, кога Велика Британија и официјално ќе поднесе барање за развод. Се очекуваат тешки преговори, со фокус на слободата на движење (која Велика Британија сака да ја намали) и на непречен пристап на Велика Британија кон единствениот пазар (на што другите членки на ЕУ се противат).

Се очекува поделбите во Велика Британија околу „Брегзит“ да се продлабочат, особено ако опадне фунтата и, како што се очекува, ако драстично се зголемат трошоците за живеење. Политичките притисоци во Европа уште повеќе ќе ја искомпликуваат состојбата по Брегзит.

le-pen-copy

Во Франција напролет ќе се одржат претседателски избори. Се очекува Марин Ле Пен, лидерката на крајнодесничарскиот Национален фронт, да постигне добри резултати. Ле Пен сака Франција да се откаже од ЕУ и од еврото. Нејзин главен противкандидат, најверојатно, ќе биде Франсоа Фијон, католички тачерист. Социјалистичкиот претседател, Франсоа Оланд, нема да се кандидира за реизбор. На општите избори во Холандија во март, исламофобот Герт Вилдерс би можел да се покаже како влијателно загревање за Ле Пен. Вилдерс се залага за холандски „Негзит“.

Во септември ќе се одржат сојузни избори во Германија. Ангела Меркел бара реизбор за четврти мандат како канцеларка, но се соочува со силен отпор од страна на антиимигрантската Алтернатива за Германија.

Сета таа внатрешна несигурност би можела да ја парализира ЕУ во 2017 година, како што се соочува со приливи на рекорден број бегалци, со хронична слабост на еврозоната, закани од Русија и со несигурен партнер во Вашингтон. Идејата дека Меркел ќе го преземе факелот од Обама и ќе стане главен бранител на западната либерална демократија останува само пуста желба.

4410-copy

Конфликти и тероризам

И покрај постојаните обиди на ОН за мир, граѓанската војна во Сирија одбележи пет години во 2016 година и се приближи кон крвав расплет. Интервенцијата на Русија направи решавачка разлика. Бунтовниците поддржани од Западот беа потиснати. Режимот на претседателот Башар ал-Асад беше охрабрен да верува дека може да опстане.

Во Ирак, офанзивата повторно да се заземе Мосул од ИСИС е во застој. Војната во Јемен не покажува знаци на стивнување, се критикуваат Велика Британија и САД за продажба на оружје на Саудиска Арабија, чиишто воздушни напади се обвинуваат за голем број цивилни жртви. Во Либија се појави нова закана од ИСИС фокусирана на упориштето на починатиот Моамер Гадафи во Сирт, што предизвикува жестоки борби.

ИСИС, исто така, беше активна во Авганистан предизвикувајќи ги Талибанците за контрола на руралните средини. Авганистан сега е најдолгата војна на Америка. Повеќе од 8.000 американски војници сè уште се стационирани таму, иако борбените сили на НАТО си заминаа. Дали Трамп ќе се обиде да ја заврши во 2017 година, како што Обама залудно се обиде да го направи тоа во 2009 година? Или, пак, ќе ја повлече војската, оставајќи ги Авганистанците да се борат сами?

Трамп вели дека победата над ИСИС е негов главен приоритет во странство. Тој за советник за национална безбедност го назначи Мајкл Флин, поранешен генерал, кој тврди дека е рационално да се плашиме од муслиманите. Помислата дека тој може да биде задолжен да го исполни ветувањето на Трамп да ја победи ИСИС ги вознемири набљудувачите.

Следната годината американскиот фокус, најверојатно, ќе биде напаѓање на ИСИС во централните подрачја на калифатот околу Мосул и Рака во Сирија, каде што џихадистите се под опсада од страна на ирачките и на курдските сили.

Сепак, заканата од ИСИС ќе остане. Западните безбедносни агенции се загрижени дека бројот на раселени џихадисти во Европа може да се зголеми во 2017 година и дека ќе продолжат да се извршуваат напади како тие во Брисел во март, каде што загинаа 32 лица, и во Ница во јули, каде што загинаа 86. Џихадистичките веб-страници го славеа изборот на Трамп очекувајќи пораст на бројот на регрути.

trump-putin-copy

Демократија и диктатори

Владимир Путин, претседателот на Русија, ќе остане најголемиот кошмар на Западот во 2017 година. Покрај Сирија, се очекува Русија дополнително да го засили своето воено присуство по границата со балтичките републики, да продолжи да интервенира во Украина и прикриено да го користи своето политичко влијание, да шири дезинформации и да продолжи со кибернетската војната во источна Европа.

Одбивање на Трамп да го критикува Путин укажува на тоа дека САД и Русија, можеби, ќе направат некој вид политички компромис и ќе се вратат на концептот на „сфери на влијание“ – можност што длабоко алармира многу членки на НАТО. Тоа што Трамп го номинираше извршниот директор на нафтената компанија „Ексон мобил“, Рекс Тилерсон, другар на Путин, за државен секретар само ја зголеми загриженоста. Ако Трамп се обидува да направи уште едно руско „ресетирање”, голема е веројатноста дека Путин ќе си го земе тоа што го сака и ќе го остави остатокот.

Во недела, 30.10.2016 година, во 3 часот наутро, завршува летното и започнува зимското сметање на времето. При тоа, стрелките на часовниците ќе треба да се вратат за еден час наназад, односно да покажуваат 02 часот. Поради враќање еден час наназад, во зимските месеци, деновите во Македонија завршуваат доста рано, односно главно се стемнува помеѓу 16.30 и 17.30 часот. Од друга страна, во истиот период Сонцето изгрева помеѓу 5.45 и 6.45 часот наутро или дневната светлина трае околу 9-10 часа. Во летниот период, согласно летното сметање на времето, Сонцето изгрева околу 5-6 часот наутро, а се стемнува помеѓу 20 и 21 часот, односно дневната светлина трае околу 14-15 часа. Поради наведените часовни аномалии, во јавноста се поставува дилемата дали сме во вистинската часовна зона, односно дали треба да преминеме во источната временска зона (GMT+2). На оваа тема доста пишувавме на ИГЕО порталот, посебно во следната статија. Од сите наши досегашни анализи, произлегува дека нема географско-астрономска оправданост Македонија да ја менува часовната зона кон источноевропско време, задржувајќи го летното сметање на времето. Наместо тоа, многу подобро е да се размислува за целогодишно користење на летното сметање на времето (идентично на стабилна-целогодишна промена на часовната зона за +1). Имено, се повеќе држави во Светот увидуваат дека промената на сметањето на времето, во овој 21 век ги губи очекуваните ефекти, а често има бројни контраефекти. Воедно, разни истражувања покажуваат дека токму во зимските месеци, на луѓето им е потребно повеќе дневна светлина во попладневните часови. Заради наведеното, се зголемува бројот на држави што користат само летно сметање на времето, преку цела година (Аргентина, Чиле, Исланд, Белорусија, Узбекистан, Турција и др.), или сериозно размислуваат да го воведат овој принцип. Доколку во Македонија се воведе перманентно летно сметање на времето, во зимските месеци Сонцето ќе изгрева најдоцна до 7.30-7.45 часот наутро, но ќе заоѓа најрано во 17.30-17.45 часот, односно еден час подоцна од „зимското“ време. Тоа значи еден час повеќе дневна светлина во попладневниот период, односно дополнителна можност за довршување на некои обврски и активности за кои е потребна светлина (вработени и ученици во попладневните смени, семејни активности, попладневна рекреација и др. Исто така, ќе се избегне потребата од промена на сметање на времето два пати во годината, нешто од што веќе се откажаа 30-тина држави во Светот. Вакво сметање на времето одговара за подрачјето на Република Македонија со оглед на нејзината крајно источна положба во средноевропската часовна зона (помеѓу 20.30 и 23.30 степени источно од Гринич), со мал дел во источноевропската часовна зона. Со оглед на положбата, во зимските месеци и по „зимско време“, во Македонија навистина „прерано“ се стемнува (за разлика од земјите во истата зона кои лежат по на запад). Доколку пак се премине на источноевропско време, заедно со летно сметање на времето, во летните месеци ќе се стемнува премногу доцна, односно дури во 22 часот, што повторно е несоодветно за човечкиот биоритам. Токму затоа, треба да се размислува за перманентно летно време, низ една поширока стручно-институционална дебата, каде реално ќе се согледаат сите предности и евентуални недостатоци на ваквиот концепт.

Пишува: д-р Ивица Милевски

Вообичаено се смета дека островот Голем Град во југозападниот дел на Преспанското Езеро е единствениот остров во Република Македонија. Меѓутоа, тоа е сосема погрешно. Всушност, Голем Град е само најголемиот остров во нашата држава, бидејќи има уште десетици други острови по реките и вештачките езера, а некои од нив се исто така доста интересни.

За островот Голем Град доста е пишувано и кажувано. Тој се наоѓа близу граничното тромеѓе помеѓу Македонија, Албанија и Грција, 2 км оддалечен од полуостровот Коњско, а 4 км од истоименото село. Должината на островот во правец север-југ е точно 700 м, додека широчината во правец запад-исток му изнесува 450 м. Бреговите на островот се доста стрмни и претставуваат типични клифови високи до 30 м, формирани со долготрајно дејство на езерските бранови врз варовничките карпи. Единствено на неколку места брегот поблаго се спушта кон езерото и тука е можен лесен пристап. Вкупната должина на бреговата линија изнесува 1,8 км, додека пак вкупната површина на островот е 0,22 км кв. или 22 хектари. Највисоката точка на островот е 900 м н.в. или 50 м над езерото и се наоѓа во североисточниот дел. Денес островот е ненаселен, но е извонредно богат со ендемски растенија, бројни видови на влечуги и птици, различни заедници на животни, потоа бројни остатоци од објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот. Поради големиот број на змии на островот, Голем Град уште е познат како Змиски остров. Инаку, севкупните природни карактеристики, како и вредните културно-историски и археолошки објекти се причина што овој остров е прогласен за строг природен резерват. Од 2008 година, Голем Град е уреден и отворен за посета на туристи, кои го посетуваат во се поголем број и заминуваат со прекрасни впечатоци.

http://www.exploringmacedonia.com/content/Golem_Grad.jpg

На другите природни езера во нашата држава нема острови, но затоа пак има по еден помал остров на Тиквешко Езеро и на езерото Калиманци. Овие острови настанале пред 40-50 години со потопувањето на теренот, по изградбата на браните со кои се преградени долините на Црна и на Брегалница. Од нив поголем е островот на Тиквешкото Езеро, наречен уште Градиште. Се наоѓа во северниот дел на езерото, западно од с. Ресава. Најмалата оддалеченост на островот од брегот (кон исток) изнесува 120 м. Островот има неправилна квадратна форма, со широчина од   140 до 160 м, површина од 2,3 хектари, додека најголемата височина обично е околу 20-30 м, што зависи од нивото на водата во Тиквешкото Езеро. Највисоката точка на островот е на 286 м и се наоѓа во средишниот дел. Вкупната должина пак на бреговата линија е околу 550 м. Островот Градиште е покриен со густа, претежно нискостеблеста и дрвенеста вегетација, со повеќе видови на птици, влекачи и други животни. Покрај врвот можат да се забележат одредени остатоци од стара градба, поради што и името Градиште. Инаку е слабо посетен, освен понекогаш од рибари, излетници и авантуристи. Островот во Калиманското Езеро се наоѓа во средишниот дел на езерото. Изразито е издолжен во правец североисток-југозапад, со должина од 290 м, широчина од 75 м, додека височината му е од 15-25 м, во зависност од нивото на водата.  Од брегот е оддалечен околу 100-150 м. За разлика од островот Градиште во Тиквешкото Езеро, овој остров, поради големите флуктуации на водата во езерото, често се поврзува со копното и краток временски период претставува полуостров. Инаку е покриен со дрвенести стебла и ретко е посетуван од луѓето.

Во Република Македонија има и 10-тина, за наши услови поголеми речни острови или ади, настанати со наталожување на речен нанос на погодни места. Најмногу речни острови има на Вардар низводно од Скопје. Едно од најголемите е адата кај с. Ѓавато, северно од Гевгелија. Ова острово е издолжено околу 420 м во правец североисток-југозапад, додека широчината му изнесува околу 130 м. Составено е од ситен речен песок и претежно оголено. Единствено на западниот дел од островот има тревна и грмушеста вегетација. Осторовото е посетувано од рибари и капачи, главно во летниот дел од годината. При високо ниво на Вардар, значителен дел од островот се поплавува, со оглед на тоа што најголемата височина му е само 3 м. Посеверно, кај с. Јосифово близу Валандово, со прокопување на нов речен крак на Вардар заради заштита од меандрирање, создадени се два големи речни острови, долги до 500 м, а широки до 250 м. Островите имаат полумесечест изглед, а нивната најголема височина достигнува 5 м. Покриени се претежно со тревна и грмушеста вегетација. Неколку доста интересни речни острови има во Демиркаписката Клисура, северно од с. Градец. Тие се тесни, издолжени во правецот на течење на реката и покриени со дрвенеста вегетација, што значи дека се многу „постабилни“ на засипување, поплавување или други промени. Најголемиот од нив е во средишниот дел на клисурата. Тоа е и еден од најголемите речни острови во Македонија. Должината во правец северозапад-југоисток му изнесува 550 м, најголемата широчина му е 115 м, а најголемата височина 5 м. Должината на бреговата линија на овој остров изнесува дури 1,3 км, а површината му е 4 хектари. Има интересна, густа дрвенеста вегетација и богат животински свет. Обично е посетуван од рибари. Два големи речни острови, долги околу 300-400 м има и помеѓу селата Криволак и Пепелиште. Северно, кај с. Уланци има уште еден голем остров, настанат со пресекување на меандерот на Вардар, при што реката создала уште еден ракавец и се формирал остров. Неговата должина му е 490 м, додека широчината 140 м. Од двата брега на Вардар е оддалечен 10-25 м. Островот е под тревна и дрвенеста вегетација и доста посетуван од локалното население, особено во летниот период. Кај Велес исто така има неколку мали острови кои се наречени Адето, Јани Таш и Карпа. Нешто поголемо е островото кај Башино Село долго 410 м и широко 100 м. Неколку други, мали острови има и на Пчиња, Брегалница и Црна. Некои од нив се типични ади или пак пресечени меандри. Главно ги посетуваат рибари, излетници и капачи во летната сезона.

Според тоа, во нашата држава има барем околу 20-30 острови, од кои најголем е островот Голем Град во Преспанското Езеро. Покрај него, карактеристично е и островото Градиште во Тиквешкото Езеро, на кое има остатоци од стари градби. Исто така, многу интересни се и неколкуте големи речни острови во низводниот тек на Вардар, прекриени со густа крајречна вегетација и разновиден жив свет. Меѓутоа, освен за Голем Град, за другите острови нема да сретнете речиси никакви податоци, иако без оглед кој остров од наведените ќе го посетите, веројатно ќе имате прекрасно и незаборавно доживување.

Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ, Скопје  

Несогласувањата се далеку зад Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган. Лидерите на Русија и Турција на Светскиот конгрес за енергетика во Истанбул потпишале неколку договори, и со тоа почнале со цементирање на добрите односи на своите земји.

Неполна година по рушењето на рускиот авион на турско-руската граница, наместо воени соопштенија и студени односи, соработката помеѓу Русија и Турција е подобра отколку пред инцидентот. Ова се само некои од договорите кои Путин и Ердоган ги печатирале.

Воена соработка

Размената на разузнавачки информации помеѓу Турција и Русија била една од темите на разговор на двајцата претседатели. Откако било откриено дека информацијата да се спречи пучот во Турција на Ердоган му била доставена од страна на руски разузнавачи, довербата пораснала. Кога станува збор за Сирија, и покрај тоа што имаат различни планови и интереси, Русија и Турција се договориле дека нема да си пречат едни на други во интервенциите, како и тоа дека редовно ќе разменуваат податоци за планирани акции за да не дојде до несреќни случаи.

Турскиот тек е жив

Иако била договорена воена соработка, најважниот проект секако е завршување на гасоводот Турски тек, кој ќе биде џиновска економска инекција за буџетите на двете земји. Договорот обезбедува изградба на две третини од гасоводот преку Црното море, со должина од 910 километри, додека делот преку Турција ќе биде долг 180 километри. Благодарение на Турскиот тек, гасот од Русија ќе се спроведува до Турција, од каде ќе биде дистрибуиран во земјите од ЕУ. Турција на овој начин ќе добива и поевтин гас од Русија.


Турската роба се враќа на рускиот пазар

По целосниот крах на односите по рушењето на "Сухојот", Русија на Турција ѝ вовела жестоки економски санкции, кои многу ја оштетиле економијата на таа земја. Потсетуваме, Москва забранила работење во Русија на сите туристички организации од Турција, како и на хотелите и останатите компании. Забраната се однесувала и на градежни работи, архитектура и дрвната индустрија. Претседателот Владимир Путин, револтиран од тогашниот став на Анкара, дури и ги повикал Русите да не одат на летување во Турција и така практично ја ускратил тамошната туристичка индустрија за барем три милиони посетители секоја година. Исто така, Русија тогаш забранила и увоз на турска облека, овошје и зеленчук. Проценките велат дека неколкумесечните санкции ја чинеле Турција речиси 10 милијарди евра. Сепак, по затоплувањето на односите, Русија и Турција повторно соработуваат во полна пареа, и тоа на сечие задоволство.


Сојуз кој има потенцијал да биде еден од најмоќните на светот

Русија и Турција се различни по многу работи. Од верата, преку стратешките интереси, до сојузниците...но имаат една заедничка карактеристика - прагматичност. Иако Турција е членка на НАТО, а Русија најголем противник на тој воен сојуз, тоа не ги спречува двете земји тесно да соработуваат и најавуваат уште подобри односи за во иднина. Исто така, двете држави во еден момент се чувствувале изолирани - Русија поради санкциите од Западот, а Турција поради слабата поддршка по пучот и осудата на светската заедница на сметка на претседателот Ердоган. Затоа нивното смирување и сојуз било очекуван и разбирлив епилог. Ги обединил анимозитетот кој го чувствуваат кон Вашингтон, посебно изразен кај Турција по одбивањето на САД да го депортираат Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за главен одговорен за пучот против Ердоган. Доколку продолжат со соработката, гледајќи на добрите односи кои двете земји ги имаат со Кина, создавање на моќен источен блок на виделина.

loading...