Зошто Холивуд толку многу ја сака мафијата?

Приказните за мафијата, изгледа, се непресушна тема во Холивуд. "Ирецот" е нов филм на Мартин Скорсезе кој денес ќе биде прикажан на Netflix, е приказна за мафијашкото семејство Бафалино и славниот синдикален шеф Џими Хофа, и е последен во низата филмови во жанрот кој ја воодушевува публиката и филмофилите веќе со децении.

Тоа не изненадува, сметаат експертите за поп култура, бидејќи мафијашките теми нудат комбинација од криминал, семејство, злосторство и американски сон. 

"Тоа е жанр кој ја погодува жичката, меѓу фасцинацијата од криминалот и семејната динамика со која гладачите можат да се поврзат", објаснил Дејвид Шмид, уредник на книгата "Насилство во американската поп култура" и професор на факултетот во Бафало.

"The Irishman" со Роберт Де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши во главните улоги, ја продолжува низата од "Малиот Цезар" од 1931-ва година, преку "Кум" и "Сопранови", кои биле многу успешни и во кино салите и на наградните манифестации.

Скорсезе со овој филм ги враќа италијанско-американските теми кои веќе ги истражил во "Добри момчиња" и "Казино". Се очекува дека "Ирецот" ќе биде меѓу водечките канидати за Оскар идната година.

 

"Мафијата ги замени вестерн филмовите како голема американска филмска тема", вели Роберт Томсон, професор по поп култура на Универзитетот во Сиракјуз.

"Спротивно од географските граници на вестернот, филмовите за мафијата зборуваат за одредување на урбани граници, но воедно и големи приказни за вселување во странска земја и тешката работа за да се преживее", додава Томсон.

Големите американско-италијански семејства кои се собираат на масата и вечераат паста, на гледачите им нудат силни ликови за кои може да навиваат иако се на спротивната страна на законот.

Популарната серија "Сопранови" на тоа додала нова нота, невротичен и емоционално збунет мафијашки шеф.

 

"Тоа одекна добро, бидејќи многумина од нас работат работа што не ја сакаат", вели Шмид.

Насилството е клучен дел од мафијашкиот пакет, но тоа е многу помалку крваво отколку во повеќето акциони филмови.

"Експлицитно насилни мафијашки филмови не би биле толку популарни", тврди Шмид. "Гледачите сакаат да се занесат во романтичниот елемент на доселеничкиот наратив во кој лицето кој е "никој", станува кум", додал тој.

Top