Мистерија од Втората светска војна: И ден денес никој не знае кој го бомбардираше Ватикан

Иако Ватикан беше неутрален за време на Втората светска војна, сепак за време на најголемиот историски воен конфликт беше два пати бомбардиран.

И двата пати тоа се случи додека италијанската престолнина Рим беше под германска окупација. Инаку, вреди да се спомене дека сојузничките сили и силите на Оската имаа наредби да не го напаѓаат Ватикан - тоа и се случи, освен споменатите два пати.

Вториот инцидент е помалку интересен, иако во инцидентот имаше човечки жртви - на 1-ви март беше убиено едно лице, вработен за одржување на градините. Бомба го погодила рабниот дел на Ватикан по грешка од страна на британски воен авион, а од британското министерство за одбрана веднаш се извиниле.

Сепак, големо внимание привлече првиот инцидент кој се случи на денешен ден 1943-та година - неколку бомби паднале на просторот југозападно од базиликата Свети Петар. Била причинета голема материјална штета, но за среќа немало човечки жртви. За разлика од првиот инцидент, ова всушност не било „инцидент“, ова било намерно бомбардирање на Ватикан. Кој ги фрли бомбите?

 

Постојат неколку теории...

Кога кон средината на 1943-та година Мусолини беше срушен од власт, тогашното Кралство Италија и натаму формално беше сојузник на Нацистите, но на Германците им станало јасно дека италијанците се подготвуваат за мировен договор со Сојузниците. Поради тоа, Германија одлучија да ја окупираат Италија.

Првото бомбардирање на Ватикан го опишал во своите записи монсињор Доменико Тардини: „Тоа се случи на 5-ти ноември 1943-та во 20:10. Беше чиста ноќ без облаци. Месечината беше во полн сјај. Повеќе од половина час над Рим, а посебно над Ватикан, леташе воен авион. Точно во 20:10 часот исфрли четири бомби и одлета. Бомбите паднаа во градините на Ватикан. Првата во близина на радио станицата, втората покрај владината зграда, третата покрај работилницата за мозаици и четвртата кај зградата на кардиналот. Да паднеа бомбите само неколку метри понатаму, ќе ги погодеа сите овие четири локации. Сепак, настана значителна материјална штета, сите прозори се распукаа, но немаше човечки жртви“.

 

Како што вели во својот запис Тардини, генерално за нападот се обвинуваат Германците, но некои веруваат дека го извеле и италијанските фашисти. Но, во својата книга "Bombe Sul Vaticano" од 2010-та година, авторот Аугусто Ферара истакна дека нападот бил оркестриран од фашистите, конкретно фашистичкиот политичар Роберто Фариначи кој верувал дека „Радио Ватикан“ преку тајни шифри им испраќале пораки на Сојузниците.

Но, постојат и други теории. Тардини вели дека неколку месеци подоцна монсињор Монтини примил директна информација од Американците, поточно од американскиот свештеник Керол кој му рекол дека бомбите биле испуштени од американски авион.

 

„Факт е, како што ми рече и отецот Хјуз, дека на 5-ти ноември во Англија неслужбено се одбележува анти-папа денот. Кога монсињор Керол пристигна во Рим во јуни 1944-та година, ми одговори на прашањето. Американски пилот ги фрлил бомбите за да се прослави или од пакост. Тој не знаеше ниту дали е казнет за тоа. Можеби ќе дознаеме што се случило еднаш кога војната ќе заврши“.

Подоцна Аугусто Ферара прстот во својата книга од 2010-та година го повторно го вперува во италијанските фашисти, но за многумина прашањето кој навистина ја бомбардираше престолнината на Римокатоличката црква на денешен ден пред 76 години ќе остане мистерија.

Top