Еден од најбараните мафијаши на светот, станал соработник на ФБИ: Мафијата му подготвувала брутална одмазда

Џејмс Вајти Булгер, бил бостонски убиец кој служел доживотна казна за голем број на злосторства, вклучувајќи и 11 убиства. Тој ја водел бандата Винтер Хил во истоимениот дистрикт во Сомервил, а интересно е дека неговиот брат Вилијам бил сенатор во Масачусетс.

Булгер бил осуден во 2013-та година а бил еден од најбараните луѓе. ФБИ го бркал цели 16 години. Роден е во 30-тите години во Бостон, а прекарот Вајти го добил поради русата коса која ја имал како дете. Со криминал почнал да се занимава во средно училиште, кое го напуштил, а дури и лежел во Алкатраз поради тоа. 

Меѓутоа, по затворот се вратил во Бостон и со својата банда почнал да краде, да уценува и да тргува со дрога. "Колеги" му биле во главно, Италијанци и Ирци, а меѓу нив и многу звучни имиња од бостонското подземје.

Булгер долги години успевал да бега од полицијата, па така бил уапсен дури кога наполнил 81 година во Калифорнија. Бил во друштво на својата долгогодишна девојка Кетрин Грејг.

Набрзо бил пренесен во Масачусетс, каде му било судено за 32 дела. Му било пресудено за 31 дело, меѓу кои и вмешаност во 11 убиства.

ФБИ признал дека Булгер бил доушник и дека давал информации од мафијата, што тој упорно демантирал. Тој 20 години кажувал информации за своите пријатели, кои редовно завршувале во затвор, а постои приказна дека така зад решетки завршила и една од најмоќните банди - семејството Ангуилос.

Тајната на неговиот долг опстанок во криминалот веројатно е во тоа што, како што се зборувало, имал заштита од ФБИ.

Но, во 1995-та година било поднесено обвинение против него. Сепак, со помош на ФБИ агентот Џон Коноли, успеал да побегне, за потоа Бирото да понуди милион долари за дојава која ќе ги одведе до него. Во 2008-ма тој износ бил дуплиран, а фатен бил 3 години подоцна.

Булгер бил убиен минатата година, откако бил префрлен во федералниот затвор Хазелтон во Западна Вирџинија. Интересно е дека бил преместен во одделение со помалку опасни криминалци, и каде надзорот бил полош.

Инаку, бил инспирација за филмот "Црна миса", каде го глумел Џони Деп.

Top