Предвидување од ОН: Oвие пет опасности ќе го загрозат човештвото

ОН предупредува дека поради новите ризици кои не сме ги предвиделе, минатото повеќе не може да биде водич за иднината.

Се посложените и позачестени ризици, од глобално затоплување до загадување и епидемии, му се закануваат на опстанокот на човештвото во случај да не се спречи нивна ескалација, предупредиле од ОН. 

Во годишниот извештај за тоа како светот се носи со катастрофите, ОН предупредуваат дека поради новите ризици кои не сме ги предвиделе, минатото повеќе не може да биде водич за иднината.

Посебно како "нови ризици" за човековите животи и имотот се наведуваат загадувањето на воздухот, болестите, земјотресите, сушите и климатските промени.

Извештајот исто така предупредува на се поголемиот потенцијал на еден вид на катастрофи да предизвикаат некои други непогоди, како обилни дождови, кои по шумски пожари предизвикуваат одрони на земјиште.

"Ако продолжиме да живееме на ист начин и продолжиме да однесуваме кон нашата планета како до сега, тогаш нашиот опстанок е доведен во прашање", рекла Мами Мизутори, посебна претставничка на генералниот секретар на ОН, на состанокот во Женева посветен на намалување на ризиците од катастрофи.

Екстремните временски појави во последните 20 години се дуплирале, а според извештајот, нанесуваат голема економска штета, па развојните цели на ОН во сиромашните земји се речиси недостижни.

 

Во 2018-та година во светот биле забележани 1.600 катастрофи, од монсунските поплави во Индија до шумски пожари од големи размери во САД. Истата година биле раселени 17,2 милиони луѓе поради катастрофите, а од 2008-ма година околу 265 милиони луѓе.

ОН смета дека е потребно да се вложат повеќе финансиски средства во спречување на катастрофите и во заштитата на најранливите групи од последиците на екстремните временски појави.

На намалување на ризикот од катастрофи од 2005-та до 2017-та се вложени околу 5 милијарди американски долари, што е само 3,8 проценти од целокупната потрошувачка на хуманитарни прашања, односно помалку од четири на секои 100 потрошени долари.

 

 

Top