Мултимилионер го купи најскапиот стан откако одлучил да ја напушти Британија поради Брегзит

Од агенцијата преку која била купена недвижнината не сакале да го откријат името на купувачот и само откриле дека станува збор за познат „европски индустријалец кој сакал да ја напушти Велика Британија поради последиците кои ќе ги донесе Брегзит“.

Овие денови е продаден најскапиот стан во историјата на пазарот на недвижнини во Париз. Француските медиуми откриваат дека станот во “Rue des Saints-Pères” во седмиот париски арондисман на левиот брег од реката Сена, го купил неименуван „европски индустријалец“ кој одлучил да ја напушти Британија поарди Брегзит.

Станува збор за стан од 1000 квадрати со шеснаесет соби кој се простира на три ката од зграда изградена во 18-тиот век. Станот располагал и со 300 метри квадратни сопствен двор.

 

Оваа недвижнина била продадена за 39 милиони евра, односно по цена за квадрат од 39 илјади евра. Станот во седмиот арондисман во Париз со тоа го собори досегашниот рекорд за повеќе од седум милиони евра.

Како што пренесуваат француските медиуми, тоа не е единствениот богаташ кој поради неизвесноста околу Брегзит, односно напуштањето на Велика Британија на Европската унија, одлучил британската да ја замени со француската престолнина.

Париз се смета за една од најдобрите локации за сите оние кои што стравуваат дека нивниот имот во Велика Британија ќе загуби на вредност после напуштањето на земјата на Европската унија.

Цените на најскапите станови во Париз инаку ретко надминуваат 30 милиони евра, а последниот пат таа цена беше надмината во 2007-ма година кога ќерката на претседателот на Узбекистан купи пентхаус од 688 квадрати за 31 милион евра.

Top