Неочекувано: Оваа држава е новиот сопственик на најмоќниот пасош на светот

Јапонија и Сингапур повеќе не се сопственици на најмоќниот пасош на светот. Потполно неочекувано, првото место на оваа листа го заземаа Обединетите Арапски Емирати.

ОАЕ неодамна се најдоа на првото место на интерактивната платформа во реално време наречена "The Passport Index". Жителите на Обединетите Арапски Емирати можат без виза да патуваат во 167 земји, поточно во 84 отсто од светот.  

Сопственикот на оваа платформа е компанијата "Arton Capital" која ги оценува пасошите врз основа на бројот на држави кои граѓаните на одредени земји можат да ги посетат без виза. Платформата постојано ги споредува пасошите на 193 земји во 6 регии кои се членови на Обединетите Нации, користејќи јавни податоци, владини извори и меѓународни организации.

Емиратите брзо се искачија на врвот од листата и тоа од 27-то место кое го заземаа во декември 2016 година. Во јули, Обединетите Арапски Емирати влегоа во топ 10-те земји, благодарение на визниот договор со Русија, а откако беа укинати визите за Мексико, Либерија и Сиера Леоне, тие го заземаа првото место.