Кој е 80-годишниот Сетимо Минео, уапсениот шеф на сицилијанската мафија Коза Ностра!

Во спектакуларната акција на карабиниерите во Палермо, уапсен бил новиот шеф на сицилијанската мафија, Сетимо Минео и уште 45 осомничени мафијаши, а потпретседателот на италијанската влада, Луиџи ди Мајо се пофалил дека е зададен силен удар на организираниот криминал на тој медитерански остров.

Сетимо Минео од неодамна е неофицијален шеф на островската мафија, позната како Коза Ностра. 

Тој го заменил претходниот "шеф над шефовите", Салваторе Тото Рина, кој минатата година починал во затворот во кој минал речиси четврт век поради наредување на десетина убиства, вклучувајќи и убиства на најпознати италијански антимафијашки судии.

Сетимо Минео, познат под прекарот Тото Сетимо, се занимава со производство и продажба на накит. Тој во мај неофицијално бил поставен на чело на мафијашкото семејство во Палермо. Официјално требало да биде именуван на посебен состанок, чие планирање било во тек.

Лицата кои утрово биле уапсени, меѓу другото, се обвинети за злосторничко здружување од мафијашки тип, изнудување на пари, носење на оружје и подметнување на пожари, а обемната операција на апсењето е резултат на различни кривични истраги.