ЕУ упати последно предупредување до социјалните мрежи

Европската Унија упати последно предупредување до „Фејсбук“, „Твитер“ и до другите социјални мрежи и ги повика да ги исчистат своите платформи од говор на омраза. Во спротивно, како што наведуваат од ЕУ, ќе се соочат со правни последици.

„Ситуацијата не е одржлива, во повеќе од 28 отсто од случаите потребно е повеќе од една недела за онлајн-платформите да ги отстранат илегалните содржини“, изјави европската комесарка за дигитално општество и економија, Марија Габриел, пренесува Си-ен-ен.

Европските регулатори веќе со години притискаат социјалните медиуми да ги отстранат расистичките објави од своите платформи, а „Фејсбук“, „Твитер“, „Мајкрософт“ и „Гугл“ ветиле во повеќе наврати дека ќе се обидат да направат нешто во врска со тоа прашање.

ЕК смета дека сè уште не се прават доволно напори поради што би можело да усвои закон што ќе ѝ овозможи на ЕУ да ги казни компаниите што не ги исполнуваат барањата.

loading...