Samsung изненади на Оскарите: Премиерно претставен новиот телефон на преклопување!

Јужнокорејската компанија ги изненади сите во салата за време на доделувањето на Оскарите, но и оние пред малите екрани, прикажувајќи реклама за својот нов телефон на преклопување кој и официјално ќе биде претставен утре во Сан Франциско.

На видеото кое трае околу половина минута, не се споменува името на новиот уред, но ни дава увид во потенцијалните можности.

Може да се види дека телефонот има минијатурен екран на надворешната страна кој ќе ги покажува основните нотификации како повици, пораки и слично. Исти така, видливо е дека во Samsung го задржале системот на преклопување кој беше развиен за Galaxy Fold.

Новиот телефон на преклопување на Samsung ќе може да функционира и во „полупреклопена“ позиција и така да овозможи разговарање или фотографирање без користење на раката.

Од Samsung досега не објавија никакви други информации за уредот кој според гласините ќе го има називот Galaxy Z Flip. Се очекува да има екран со дијагонала од 6,7 инчи, Snapdragon 855 Plus процесор, 8 GB RAM и 256 GB интерна меморија.

За крај, според гласините цената на овој уред би можела да се движи од 1400 до 1500 долари. Но, за сите официјални детали во врска со овој уред ќе треба да се стрпиме и да почекаме уште малку.

Top