Нова контроверзна апликација од Кина: Брзо и едноставно лажира видео снимки

После руската апликација за стареење, сега пристигнува една кинеска, но далеку поопасна. Да се разликува вистината од лагата на интернет станува сè потешко.

Кинеската апликаиција ZAO е таканаречена автоматизирана "Deepfake" апликација која од една фотографија прави неверојатно реални видео монтажи.

"Deepfake" е измама која стартуваше како интернет шега - на нечие тело може да се „залепи“ лицето на друг човек, па луѓето веднаш ја злоупотребија и лицата на популарните холивудски актерки и актери се најдоа „залепени“ на бројни порно филмови.

"Deepfake" сега стана достапен за сите преку апликацијата ZAO која го автоматизира процесот на лажирање на видео снимки до таа мера, што многу тешко се препознава монтираната снимка од оригиналната.

Апликацијата е достапна на „слободниот пазар“ од петок, 30-ти август, а Momo Inc. кои што стојат зад апликацијата, за три дена доживеаа светска слава и популарност, затоа што апликацијата му овозможува на било кого, без искуство за видео монтажа, да направи успешни копии на популарните видео содржини со други лица.

За да се направи лажната видео снимка потребно е само да направите селфи или да употребите фотографија од вашиот телефон и да изберете некое од видеата кои се во галеријата на ZAO апликацијата. Добра работа е што засега на располагање на корисниците им се само неколку видеа и нема можност за користење на било кое видео, нешто што би можело наскоро да се промени.

Корисниците на AppStore ја оценија оваа апликација со многу ниска оценка од 1,9, затоа што не постои јасно објаснување за тоа што се случува со фотографиите кои корисниците ги вметнуваат во апликацијата. Поради слични нејаснотии, најголемата кинеска социјална мрежа Weibo забрани објавување на содржини на ZAO додека тоа не биде разјаснето.

Од Apple засега немаат коментар за апликацијата, меѓутоа светските медиуми веќе се полни со критики на сметка на ZAO и повикуваат на бојкот на апликацијата, иако креаторите тврдат дека секоја содржина која ќе биде избришана од апликацијата, ќе биде избришана и од серверите на ZAO.

Top