Оперативниот систем на Huawei ќе биде побрз од Android и iOS?

Оперативниот систем HongmengOS кој го развива кинеската компанија Huawei, ќе биде побрз од ривалските оперативни системи и ќе има многу „пораспространета“ примена.

Освен за паметните телефони, новиот оперативен систем на Huawei ќе може да го користат и рутерите, таблетите, компјутерите и дата центрите.

Ова во интервју за францускиот магазин “Le Point” го изјави извршниот директор и основачот на кинескиот технолошки гигант, Рен Женгфеи.

Тој нагласи дека новиот оперативен систем HongmengOS ќе биде побрз од оперативниот систем Android на Google и iOS на Apple, односно дека ќе има помалку од пет милисекунди доцнење во процесирањето, што е навистина импресивно.

 

И покрај тоа што властите од Вашингтон неодамна ги ублажија санкциите кон Huawei, сепак кинескиот гигант нема да се откаже од развојот на сопствениот оперативен систем, порача Женгфеи за споменатиот медиум.

Да потсетиме, неодамна Huawei се најде на жесток удар на американските власти – Доналд Трамп воведе санкции против кинескиот технолошки гигант, односно им забрани на американските компании да соработуваат со Huawei, по што од Google ѝ ја укинаа поддршката на кинеската компанија за оперативниот систем Android и сите сервиси на Google.

 

Сепак, иако тоа беше сериозен удар за Huawei, наводно од компанијата веќе работеле на развој на сопствен оперативен систем, а притисокот од Вашингтон веројатно им послужи да го забрзаат процесот на развој на HongmengOS.

Засега не е познато кога би можел новиот оперативен систем да пристигне кај уредите на Huawei и дали кинеската компанија целосно ќе го исфрли Android.

Top