Google и Huawei порачуваат: Нема место за паника

Одлуката на "Google" да му ја ускрати лиценцата на "Huawei" за користење на оперативниот систем "Android" предизвикала вознемиреност меѓу корисниците на паметните телефони на кинескиот произведувач, а од двете компании порачуваат дека нема место за паника.

Од "Huawei" потврдиле за CNBC дека развиле сопствен оперативен систем за смартфони и компјутери во случај да им биде забрането користење на софтвери на американски компании, а од "Google" тврдат дека сегашните корисници на паметните телефони на "Huawei" и натаму ќе може да користат, ажурираат и симнуваат апликации преку "Google". 

Ричард Ју, главен извршен директор на секторот за корисници на "Huawei", рекол дека компанијата има "back-up" оперативен систем, во случај да им биде ускратено користењето на софтвери од САД.

 

"Подготвивме свој оперативен систем. Ако се случи повеќе да не можеме да ги користиме системите на "Google" или "Microsoft", ќе бидеме подготвени. Тоа е нашиот план Б. Но, секако, повеќе сакаме да работиме на американските системи", изјавил Ју.

Од друга страна, портпаролот на "Google" рекол дека за актуелните корисници нивните услуги "Google Play" и заштитата од "Google Play Protect" и натаму ќе функционираат на уредите на "Huawei".

 

Дополнителни детали не откривал, но навел дека се разгледуваат импликации на одлуката која е донесена.

Сепак, проблеми настануваат за корисниците на идните модели и верзии на паметните телефони на "Huawei", бидејќи оние кои и натаму ќе го користат оперативниот систем "Android" ќе го изгубат пристап до "Google Play Store", "Gmail" и "Youtube", како и интернет пребарувачот "Chrome".

Top