It’s Showtime: Apple подготвува нешто големо за крајот на март?

Apple на 25-ти март закажа случување кое ќе биде одржано во салата „Стив Џобс“ во седиштето на компанијата, а во поканата до медиумите стоел насловот It’s Showtime (Време е за шоу).

Тоа секако, може да значи многу работи, но засега најмногу се шпекулира дека Apple конечно ќе го претстави долгонајавуваниот ТВ сервис кој ќе се темели на претплата. Во прилог на тоа одат и гласините според кои Apple развива повеќе од 20 оригинални ТВ серии и емисии кои новиот сервис ќе треба да го направат попривлечен.

Сепак, според аналитичарите, дури и Apple да го претстави својот ТВ сервис овој месец, тоа не значи дека ќе биде веднаш пуштен во употреба. Се очекува да „заживее“ на лето, или пак најдоцна да се појави на есен.

Исто така, има гласини и за новиот модел на претплата за апликацијата Apple News која ќе им овозможи на корисниците пристап до поголем број на магазини одеднаш за една месечна претплата. Оваа апликација има 85 милиони активни корисници месечно.

 

Apple моментално е далеку од криза, но падот на продажбата на iPhone упатува на тоа дека во компанијата од Купертино работат на пронаоѓање на нови извори на приход. Сервисите во изминатите 12 месеци сочинувале 15% од приходите на Apple, со раст од 27% во однос на претходниот период.

Не е исклучено и претставувањето на нови производи, а најмногу се споменуваат новите изданија на iPad, iPad Mini, iPod и AirPods.

Top