На чекор од револуција во медицината: Микро-роботи ќе патуваат низ телото и ќе вршат сложени медицински зафати

Мали роботи изработени од силикон, платина и титаниум, ќе можат да патуваат низ телото со помош на енергијата добиена преку соларни ќелии.

Марк Мискин и неговата екипа на Универзитетот во Пенсилванија, се на добар пат да создадат нанороботи кои што би можеле да направат вистинска револуција во медицината и начинот на лекување на пациентите.

„Откривме дека ќе може да бидат вбризгани во телото со помош на игла. Тие ќе можат да преживеат, цели се и функционални, нешто што е многу кул“, изјави Мискин за американските медиуми.

Роботите се исклучително мали, но неверојатно силни и отпорни. Опремени се со минијатурни ножици и се движат со помош на ласерско светло кое ги напојува соларните панели. Засега овие нанороботи „патуваат“ низ микроскопски тобогани во лабораториски услови, но научниците интензивно работат на паметни верзии кои ќе бидат опремени со сензори и контролери.

Научниците исто така моментално испитуваат различни извори на енергија, како што е ултразвукот и магнетните полиња кои што на овие роботи би им овозможиле поголема подвижност низ човечкото тело, испорака на лекови или мапирање на мозокот.

Од силиконски материјал со површина од десетина сантиметри, можат да се изработат милион вакви функционални роботи. Мискин оваа техника ја развил уште кога бил доцент на Универзитетот Корнел. Тој со својот тим своето истражување го претстави минатата седмица на конференцијата во Бостон.

 

Top