Самсунг работи на два нови флексибилни телефони

Јужнокорејскиот гигант наводно забрзано работи на развој на паметен телефон кој во конструкцијата ќе потсетува на Huawei Mate-X.

Јужнокорејски Самсунг наводно веќе работи на два флексибилни паметни телефони, но новите телефони на преклопување според „Блумберг“ ќе бидат драматично различни од неодамна претставениот Galaxy Fold.

Додека Galaxy Fold има екран со големина на минијатурен таблет кој се отвора како книга, еден од новите уреди на Самсунг наводно ќе има поголем екран кој ќе се отвора и затвора од надворешната страна како што е случај кај Huawei Mate X.

 

Уредот кој што исто така ќе потсетува и на најавениот дизајн на Motorola RAZR би требало да пристигне на пазарот во втората половина од 2019-та година, односно на почетокот на 2020-та година. После тој телефон, ќе биде претставен и телефонот кој ќе наликува на Mate X на Huawei.

Galaxy Fold пристигнува на пазарот веќе овој месец, со тоа што Самсунг ќе мора да работи на неговата трајност, со оглед на тоа што пластичниот дел каде што телефонот се преклопува на средината многу лесно се крши и оштетува.

Како што пренесува „Блумберг“ наводно од Самсунг размислуваат потенцијалните проблеми со екранот на преклопување да ги решат со бесплатна замена на екранот.

 

Самсунг во иднина ќе продолжи да експериментира со дизајните на паметните телефони на преклопување, со цел да дознаат што најмногу сакаат корисниците кај овие телефони, односно каков дизајн најмногу им одговара.

„Никој се уште не знае каков е идеалниот дизајн на телефоните на преклопување. Ова е време за експериментирање“, изјави Брајан Ма од аналитичката компанија “IDC” и додаде дека некои експерименти со дизајнот нема да бидат успешни, но на нив компаниите ќе научат важни лекции кои ќе ги искористат за развој на своите идни флексибилни паметни телефони.

Top