Научниците направија уред кој претвора "Wi-Fi" во струја

Научниците објавиле неверојатна вест - откриле уред кој би можел да не ослободи од полначите и тоа така што ќе собира енергија од Wi-Fi сигнали, пишува "Science Alert".

Во иднина, уредот нема само да собира енергија, туку ќе може и да ја претвори во електрична енергија со која ќе се полнат батериите на разни уреди. 

Станува збор за таканаречена ректена или исправувачка антена која електромагнетната енергија ја претвора во еднонасочна електрична струја - DC. Тим од научници од MIT и од Технолошкиот универзитет во Мадрид, успеале да конструираат антена на таков начин што електромагнетните бранови, како Wi-Fi сигналите, ги фаќа брановите на наизменична струја (AC).

Нив ги праќа во дводимензионален полуспроводник кој ги претвора во еднонасочна струја при што произведува околу 40 микровати струја. Не делува како многу, но доволно е да се осветли ЛЕД светилка.

Со оглед на тоа дека ректената е флексибилна, би можела да се постави на помали или поголеми површини. Така на пример би можела да се постави на голема површина како тапет на ѕид или да се користи внатре во мал уред како мобилен телефон.

 

Тоа не е прв уред кој може да ги претвори Wi-Fi сигналите во електрична енергија. Идејата е тука веќе некое време и многу инженери се занимаваат со тој проблем. Во овој случај новост е употребата на различен материјал за антената, со делот кој претвора AC во DC, со што се постигнало значајно подобрување во развојот на оваа технологија.

Во флексибилната ректена, научниците користеле молибден дисулфид (MoS2). Дебелината му е само три атоми, а кога е изложен на одредени хемикалии, предизвикува фазен премин меѓу полуспроводникот и металниот материјал.

 

"Таквиот дизајн овозможува создавање на сосема флексибилен уред кој истовремено е доволно брз да фаќа сигнали кои ги користи нашата електроника - вклучувајќи Wi-Fi, Bluetooth и многу други", објаснил инженерот Ксу Жанг од MIT.

Со оглед на тоа дека оваа техника е финансиски пристапна, би можела да се користи на големи површини. Тимот од научници сега работи на изградба на поголеми системи и на подобрување на своите ректени.

Top