Паметен фустан кој открива што мажите им прават на жените во текот на вечерните излегувања

Маркетиншката компанија "Ogilvy" креирала фустан чувствителен на допир, кој мерел колку често и со колкав интензитет мажите ги допираат девојките во ноќните клубови.

Целта на кампањата која е во соработка со "Schweppes" била да се покаже како мажите се однесуваат во текот на вечерните излегувања и што сè доживуваат жените во само една вечер. 

Во склоп на проектот "The Dress for Respect", експертите направиле фустан во чија ткаенина се наоѓаат сензори за допир кои го бележеле и интензитетот. Потоа, информациите биле проследувани преку систем кој го мапирал секој допир, а тимот во реално време следел што сè им се случува на трите жени кои учествувале во проектот.

Како што се покажало во текот на ноќта, мажите најчесто ги допирале жените по долниот дел од грбот, задникот и рацете. За приказ на социјалните мрежи биле користени и снимки од ноќниот клуб на кои се гледа како жените на истите тие мажи им велат да не ги допираат, но сепак тоа не ги спречило во нивната намера.

За само четири часа, трите жени биле допрени точно 157 пати, односно речиси 40 пати за само 60 минути.

Подоцна, фустанот и снимките им биле покажани на мажите од клубот, а тие не можеле да поверуваат колку фустанот на визуелниот приказ "светел" од нивните допири.