2019 ќе биде година на големи иновации

Следната година пазарот на паметни телефони би можел да го одбележат флексибилните екрани, првите 5G уреди и големиот број на камери.

2019-та година би требало да донесе големи возбудувања кога станува збор за пазарот на паметните телефони. Ова се некои од иновациите кои што можеме да ги очекуваме во текот на следната година.

Флексибилни екрани – Samsung веќе го претстави својот прототип на уред со флексибилен екран на преклопување кој може да се користи како класичен паметен телефон, но може да се отвори и површината на екранот така да стане многу поголема. Покрај оваа компанија, се очекува и LG, Xiaomi и Huawei да ги претстават своите први уреди со флексибилни екрани, додека пак Lenovo подготвува 13,3-инчен таблет со екран кој ќе може да се „затвори“.

5G – Освен револуција на дизајнот, се очекува и револуција на брзината, па во текот на идната година ќе се појават првите телефони со поддршка на 5G мрежа. Инфраструктурата за оваа мрежа и натаму е во рана фаза на развој, посебно во економски послабите земји, но јужнокорејски Samsung, како и Huawei, Sony, OnePlus и уште некои други компании веќе потврдија дека во текот на идната година ќе ги претстават своите први телефони со 5G поддршка.

 

Повеќе камери – Кога камерите за прв пат се појавија кај телефоните, производителите најмногу ги нагласуваа мегапикселите, а денес се фалат со бројот на камери. Две, три па дури и четири камери на задната страна од телефонот веќе не се новитет, а во 2019-та година би требало да пристигнат телефони со рекорден број на камери. Рекордер би можел да биде телефонот кој неодамна го патентираше LG кој има дури 16 камери.

Поинаков “Notch” – Иако многумина не го сакаат хардверското „сечење“ на екранот, голем број на топ модели денес го имаат таканаречениот “Notch”. Сепак, Samsung и Huawei би можеле да го променат тоа, па голема е веројатноста идната година овие две компании да претстават телефони со камера која ќе се наоѓа на горната страна од екранот и ќе биде целосно опкружена од екранот.

 

Вештачка интелигенција – Оваа технологија веќе се користи кај паметните телефони, а во 2019-та година ќе има уште поголема улога и ќе управува со повеќе опции. Голем напредок очекуваме кај гласовните асистенти кои што речиси сигурно ќе станат „попаметни“.