Од Apple признаа: Google ни плаќа милијарди за да биде на iPhone, но секако нивниот пребарувач е најдобар

Шефот на Apple, Тим Кук во неколку наврати досега ги критикуваше другите технолошки гиганти и нивниот однос кон податоците на корисниците, а истовреме нагласуваше дека неговата компанија се грижи за приватноста на корисниците.

Иако, признава дека и самиот не е голем фан на законските регулативи, тој е уверен дека ќе мора да се воведат некои правила за да се заштитат корисниците и нивната приватност. Во неодамнешното интервју, тој изјави дека приватноста е темелна вредност на Apple и додаде дека работат се што е во нивна можност за да ги заштитат своите корисници.

„Ако се сетите, ја споменувавме приватноста и пред Ајфоните, така да ние всушност секогаш сме верувале дека приватноста е темелот на човечките слободи. Овде не се работи за прашањето на приватноста во однос на профитот или приватноста во однос на техничките иновации. Вашиот уред има неверојатно многу податоци за вас, но тие податоци не мора да ни бидат достапни на нам како компанија“, изјави Тим Кук.

Сепак, на прашањето, зошто ако толку ја ценат приватноста на своите корисници, сепак Apple зема милијарди долари од Google секоја година, за пребарувачот на Google да биде инсталиран на уредите на Apple, Тим Кук со својот одговор ги изненади сите.

„Мислам дека нивниот пребарувач е најдобар“, изјави Кук, но и додаде дека Apple има вградено бројни контроли кои што спречуваат следење на нивните корисници додека сурфаат на интернет.

 

„Се обидовме да смислиме начини за да им помогнеме на нашите корисници во нивниот секојдневен живот. Не е совршено, прв ќе го признаам тоа. Но, навистина помагаат“, изјави Тим Кук.

Top