Русија: Изградивме 170 километри од гасоводот „Турски тек“

Русија изградила 170 километри од гасоводот „Турски тек“ по дното на Црното Море, соопшти рускиот министер за енергетка, Александар Новак.

„Проектот за изградба на гасоводот „Турски тек“, чија цел е јакнење на енергетската безбедност на Турција и на ЕУ како целина, успешно е имплементиран. Во мај годинава изградбата на гасоводот започна во близина на рускиот брег на Црното Море. Моментно се изградени 170 километри од гасоводот“, изјави тој во Измир.

„Турски тек“ е новиот гасовод за извоз на гас од Русија до Турција по дното на Црното Море. Се гради на местото на „Јужен тек“, кој Русија престана да го споменува поради противењето на Европската Унија. Првиот дел од гасоводот е за снабдување на турските потрошувачи со гас, вториот за снабдување со гас на земјите од Јужна и од Југоисточна Европа. Капацитетот на секој од сегментите е 15,75 милијарди кубни метри гас годишно.

Изградбата на гасоводот „Турски тек“ треба да заврши кон крајот на 2019 година. Русија повеќепати истакнуваше дека ќе започне да го гради делот до ЕУ доколку добие гаранции од Брисел.

loading...